
Досегашниот капитен на италијанскиот калчолигаш Удинезе, Родриго Де Паул, од вчера замина во редовите на Атлетико Мадрид.
Шпанскиот шампион ги откупи услугите на Аргентинецот за висока цена од 31,5 милиони фунти со договор на пет години според ,,Трансфермаркт”.
Во текот на петте сезони поминати во Удинезе, Де Паул одигра 184 натпревари, на кои забележа 34 голови и 36 асистенции.
Пред да се пресели во Италија, 27-годишниот офанзивец беше член на Валенсија и на аргентинскиот Расинг.
Де Паул беше еден од најконстантните играчи на Аргентина во последното издание на Копа Америка.
Имено, овој фудбалер беше стартер на пет од вкупните седум средби, притоа постигнувајќи еден погодок против Еквадор.