
Во периодот од 6 до 31 јули 2022 година ќе се одржи тринаесеттото издание на Европското првенство во фудбал во женска конкуренција, кое воедно ќе биде второ со шеснаесет репрезентации.
Истото, првично, беше планирано да се одвива од 7 јули до 1 август 2021, но поради машкото ЕУРО и Летните олимписки игри во Токио, беше одложено за една година.
Овој пат, домаќин ќе биде Англија, а натпреварите ќе се играат на десет стадиони во вкупно осум градови: Лондон, Манчестер, Шефилд, Саутемптон, Брајтон, Милтон Кинс, Ротерам и Лих.
Од присутните шеснаесет екипи, бранител на титулата ќе биде Холандија, а дебитант на европскиот собир е Северна Ирска.
Група А: Англија, Австрија, Норвешка, Северна Ирска
Група Б: Германија, Данска, Шпанија, Финска
Група В: Холандија, Шведска, Швајцарија, Португалија
Група Г: Франција, Италија, Белгија, Исланд
Нокаут-фазата, односно мечевите од четвртфиналето, од полуфиналето и самото финале на „Вембли“, ќе трае од 20 до 31 јули.
Наградниот фонд на првенството гласи:
– победа во групна фаза: 100 000 евра
– реми во групна фаза: 50 000 евра
– пласман во четвртфинале: 205 000 евра
– пласман во полуфинале: 320 000 евра
– вицешампион: 420 000 евра
– шампион: 660 000 евра
Наградите се собираат, па во случај шампионот да ги победи сите групни натпревари, ќе добие 2 085 000 евра.
На претходните дванаесет изданија, (Западна) Германија беше првак дури осум пати (1989, 1991, 1995, 1997, 2001, 2005, 2009, 2013), Норвешка има две титули (1987, 1993), а по еднаш се радуваа Шведска (1984) и Холандија (2017).