Единствениот денешен натпревар во АФЛ беше одигран на ,,Оптус Стадиум” пред 54 159 гледачи и воедно претставуваше реприза на финалето од 2018.
Имено, Вест Коуст Иглс дојдоа до третата овосезонска победа, триумфирајќи над Колингвуд Мегпајс со (16.7) 103-76 (11.10).
Колингвуд успеваше резултатски да се одржува во мечот само во првото полувреме, после кое заостануваше 12 поени (59-47).
Во третата четвртина, ,,Орлите” од Перт ја направија клучната разлика со серијата од 31-2 што накрај се покажа како победоносна.
Најефикасните играчи на мечот, со по 31 постигнат поен (5.1), беа Оскар Ален и Џек Дарлинг од победничкиот состав, а од соиграчите, хет-трик запиша уште Дом Шид (3.0).
Кај Колингвуд, промената на формацијата при која Дарси Мур од одбраната беше преместен во нападот, резултираше со негов хет-трик (3.0), односно со првите голови после 2018.
Негов партнер во поентирањата, со 17 поени (2.5), беше Броуди Мајочек, кој го напушти теренот со повреда на рамото.
На табелата, со натпревар повеќе во однос на конкурентите, Вест Коуст скокна на шестото, а Мегпајс паднаа на четиринаесеттото место.
📸 Daniel Carson/AFL Photos via Getty Images



