Турнирот „РБЦ Херитеџ“ или низ историјата попознат како „Херитеџ Класик“ е турнир во голф којшто спаѓа во ПГА Тур и се игра од 1969 година.
На овогодинешното издание, бевме сведоци на големи возбудувања. Имено, до својата седма победа на ПГА турнирите стигна Американецот Веб Симпсон, кој забележи учинок од (-22) – рекорден на овој турнир.
Симпсон се наоѓаше при врвот во текот на сите четири дена од турнирот, а беше водечки после вториот ден. Учинокот од (-7) во четвртиот ден му овозможи на Американецот да дојде до посакуваната победа. Солидни партии пружија и неколку други голфери кои му беа конкурентни на Симпсон сè до самиот крај. Мексиканецот Абрахам Ансер заврши како второпласиран со учинок од (-21), додека третото место го поделија Даниел Бергер и Тајрел Хатон со (-20).
Минатогодишниот победник, Тајванецот Пан Ченг-тсунг, се најде на 52. позиција со (-9). Голем дел од фаворитите потфрлија и на овој турнир, а помеѓу тие што беа отфрлени по првите два дена се најдоа: Рики Фаулер, Џејсон Деј, Расел Нокс, Шејн Лаури, Греам МекДауел, Луис Остхуизен и Брандт Снедекер.
Наредниот ПГА турнир е „Травелерс Чемпионшип“ што ќе се одигра од 25 до 28 јуни.