
На денешната програма во Мерибел (Франција) од Светскиот куп во алпско скијање во женска конкуренција беше последната трка во слалом.
На неа, вториот триумф во сезоната, а воедно и во кариерата го освои Словенката Андреја Слокар (1:36,54), која беше шеста после првото скијање.
Втората позиција ја зазеде лидерката после првиот дел, Лена Дир (+0,48), а третопласирана беше Петра Влхова (+0,81).
Влхова официјално го загуби дуелот за титулата во Светскиот куп на една трка пред крајот, но како утешна награда го доби малиот кристален глобус во слалом.
Новата првенка, Микаела Шифрин (+1,48), беше осма, а помеѓу неа и подиумот завршија: Ана Буцик (+1,04), Зринка Љутиќ (+1,22), Али Налмајер (+1,27) и Венди Холденер (+1,32).