Во пресрет на денешната претпоследна дваесетта етапа од овогодинешниот Тур д Франс, жолтата маица за првопласираниот во генералниот пласман беше во сопственост на возачот на „Џамбо-Висма“ – Словенецот Примож Роглич.
Роглич имаше педесет и седум секунди предност во однос на неговиот сонародник – второпласираниот Тадеј Погачар, кој вози за „УАЕ Тим Емирејтс“.
Денешната етапа беше хронометарска со планински карактер долга триесет и шест километри. Погачар покажа неверојатни перформанси и го доби хронометарот што претставува негова трета етапна победа на сто и седмото издание на Тур д Франс.
21-годишниот Словенец заврши 1:56 минути пред Роглич и за првпат ја презеде жолтата маица во пресрет на последната етапа. Доколку Погачар го освои Тур д Франс, што е и повеќе од возможно, на најдобар можен начин ќе го пречека својот 22. роденден во понеделник.
Моменталната состојба во генералниот пласман е следната:
1. Тадеј Погачар 84:26.33
2. Примож Роглич (+0:59)
3. Ричи Порт (+3:30)
4. Микел Ланда (+5:58)
5. Енрик Мас (+6:07)



