Актуелните вицешампиони, Монтреал Канадиенс, во минатосезонското финале загубија со вкупни 4-1 од Тампа Беј Лајтнинг.
Нивната лоша форма, со четири порази на шест средби, се префрли и во претсезоната, а истата се влоши во новото првенство.
Имено, на првите седум натпревари, Канадиенс беа поразени дури шест пати и го заземаат последното место во Источната конференција.
Последна екипа што им го ,,зеде скалпот” беше Сиетл Кракен, која триумфираше со 5-1 и притоа ја запиша првата победа во историјата на домашен терен во НХЛ.
Уште во втората минута, Џордан Еберле им донесе водство на новајлиите, а десет минути подоцна, Мајк Хофман израмни на 1-1 за Монтреал.
Во продолжение од мечот, Канаѓанецот со македонско потекло, Брендон Танев, двапати ја затресе мрежата на Џејк Ален, заедно со Јани Гурд и со Рајан Донато.
Со новата победа, втора во сезоната, Сиетл скокна на единаесеттото место во Западната конференција.