
За сите екипи од најквалитетните пет европски фудбалски лиги да имаат по најмалку една победа, потребно беше да се одигра дваесет и четвртото коло од италијанската Серија А.
Имено, новајлијата Кремонезе го оствари првиот прволигашки триумф после дваесет и седум години, откако на домашниот стадион ,,Џовани Цини”, ја совлада Рома со 2-1.
Во првото полувреме, домаќините дојдоа до почетно водство со вториот овосезонски погодок на Франк Тсаџу (17′) по асистенција на Емануеле Валери.
На стартот на вториот дел, тренерот на гостите, Жозе Мурињо, заработи црвен картон, но неговите избраници успеаја да израмнат на 1-1 преку Леонардо Спинацола (71′).
Огромна радост на домашната публика и’ донесе резервистот од клупата, Даниел Чофани (п. 82′), кој ги остави трите бода во Кремона со успешно реализираниот пенал после само четири минути поминати на теренот.
На табелата, Рома остана на петтото место, додека Кремонезе изби на претпоследната позиција, потиснувајќи ја под себе екипата на Сампдорија.