Првопласираниот тим после регуларната АФЛ сезона, Мелбурн Демонс, дојде до првата титула во најелитното натпреварување во австралиски фудбал после 1964.
Историскиот успех на Демонс следуваше после неверојатното финале, во кое, новите шампиони ги поразија шампионите од 2016, Вестерн Булдогс, со најубедливата финална победа од (21.14) 140-66 (10.6).
Мелбурн водеше после првата четвртина со 29-8, но заклучно со почетокот на третиот период, Булдогс стекнаа предност од +19, односно од 40-59.
Во втората половина на третиот квартал, Мелбурн покажа дека е најквалитетен тим во 2021, откако направи фантастична серија од 43-0 и потполно го преврте натпреварот во своја корист.
Во четвртата четвртина, ,,Демоните” само ја заверија својата доминација и ги декласираа Булдогс со 57-7.
Од победничкиот состав, најефикасен беше Бејли Фритч (6.2), кој стана само шестиот фудбалер во 21. век, кој забил пет или повеќе голови во едно финале.
Од неговите соиграчи, поентерски се истакна уште Бен Браун (3.2), а Кристијан Петрака, освен учинокот од (2.1), постави и рекорд за најмногу допири со топката во сите досегашни финални пресметки (40).
Кај Булдогс, во отсуство на повредениот напаѓач Џош Брус, најефикасни беа Адам Трелоур (3.0) и Маркус Бонтемпели (3.0).
Инаку, ова беше прво финале во 125-годишната историја на АФЛ, кое беше одиграно во Перт. Воедно, по вторпат досега и по вторпат во низа, најважниот меч беше одржан надвор од сојузната држава Викторија, поради рестриктивните мерки.
На патот до него, Демонс поминаа преку Бризбејн Лионс и Џилонг Кетс, додека Булдогс ги елиминираа Есендон Бомберс, Бризбејн Лионс (кои добија нова шанса, после поразот од Мелбурн) и Порт Аделаид Пауер.