„Послушајте патриоти” е последната дванаесетта нумера од проектот „Македонијо во срце те носиме“, овој пат во изведба на Панчо и Андреј од ДНК и Наум Петрески.
„Послушајте патриоти“ е песна испеана за македонскиот деец Александар Караѓуле-Охридски, инаку и самиот автор на стиховите – сведоштво за неговите измачувања во софискиот затвор во 1892 година. Прв пат е снимена од бардот на македонската народна музика Никола Бадев, и тоа за дискографската куќа Југотон во Белград. Во своите музички биографии ја имаат запишано и Јонче Христовски, Гоце Арнаудов… Оваа композиција во македонското музичко богатство зачувана како револуционерна, овој пат спакувана од маестро Николче Мицевски, сега ја снимија и ДНК и Наум.
„Македонијо во срце те носиме“ е проект со потписот на Скендеровски продукција, а во чии рамки во изминатиов период слушнавте 12 македонски родољубиви песни отпеани од исто толку изведувачи, и од светот на забавната и од светот на народната музика, а сите спакувани во ново руво од Николче Мицевски. Она што ќе следува во склоп на целиот проект е концертниот караван кој стартува на 6 септември од плоштадот „Слобода“ во Штип. Освен штипјани во сите дванаесет нумери ќе има можност да ужива и публиката во Битола, Велес, Прилеп, Кочани, Тетово, Кавадарци и Скопје.