Шампионите од 2017/18, АК Барс Казањ, ја запишаа четвртата последователна победа, откако славеа со 2-1 после пенали над Адмирал Владивосток.
Двете екипи за првпат се соочија во 2013, кога воедно и беше основан Адмирал, а денешниот дуел беше само втор во меѓусебната историја, кој заврши со нерешен исход после шеесет минути игра.
Денес, во регуларниот дел, двата погодоци паднаа во втората третина во момент кога голгетерите имаа играчка предност на ледената плоча.
Најпрво, засилувањето од НХЛ, Пар Линдхолм, стрелаше за 1-0, а потоа Дмитри Сајустов израмни на 1-1 за Адмирал.
Во пенал-серијата, Александер Бурмистров и Николај Коваленко ги погодија првите два удари за АК Барс, додека сите четири хокеари на Адмирал не успеаја да го надмудрат Тимур Билјалов.
На табелата на Источната конференција, АК Барс Казањ се наоѓа на четвртото, а Адмирал – на шестото место.