Шестото коло од најјаката лига во пикадо, Премиер лигата, беше одиграно во Ливерпул и вклучуваше шест натпревари полни со возбудувања. Најголемо внимание привлече дуелот помеѓу првиот и третиот играч на светската ранг-листа односно Мајкл Ван Гервен и Гервин Прајс. Двајцата ривали се соочија пред само четири дена, во финалето на УК Опен, кога Ван Гервен беше подобар со 11-9. Холанѓанецот успеа повторно да слави синоќа со два разлика, но овој пат со 7-5. Големо изненадување направи предизвикувачот Стивен Бантинг кој успеа да ремизира со четвртиот светски играч – Роб Крос. Ова коло имаше уште едно реми кое го одиграа седмиот и осмиот на ранг-листата – Нејтан Аспинал и Гери Андерсон. Дарил Гурни повторно разочара губејќи со 7-5 од Глен Дурант, додека актуелниот светски шампион, Питер Рајт, со 7-4 беше подобар од петтиот играч на светот – Мајкл Смит.
На табелата, после шест кола, најдобар е Дурант кој има бод предност во однос на Ван Гервен и два бода предност во однос на Смит, Аспинал и Рајт. Андерсон, Прајс и Крос се играчите кои засега се во плејоф зоната, додека Гурни ја зазема последната позиција.