
Вицешампионите од минатата сезона, Пенрит Пантерс, се катапултираа во 2021 на најдобар можен начин, односно со триумф во големото финале.
Имено, денес, Пантерс ја освоија првата титула после 2003 година, откако во тврдо финале ги поразија Саут Сиднеј Рабитохс со 14-12.
Двете екипи постигнаа по два есеи и по еден пенал на овој меч, но клучна беше промашената конверзија на капитенот на ,,Зајаците”, Адам Рејнолдс, на четири минути пред крајот.
Рејнолдс претходно успешно го конвертираше есејот на Коди Вокер (21′) и беше прецизен од казнениот удар, но за него беше преизискателно шутирањето од мртов агол после полагањето на Адам Џонстон (73′).
На спротивната страна, Нејтан Клери, кој безмалку ќе добиеше суспензија во полуфиналето, беше стопроцентен од ударите од место, а по четири поени постигнаа Мет Бартон (17′) и Стивен Крајхтон (67′).
Во првата фаза од плејофот, Рабитохс ги поразија Пантерс со 10-16, но поради втората, односно третата позиција после регуларната сезона и двете екипи се пласираа во четврт-финалето.



