
Во финалето на 62. издание на Копа Либертадорес, на стадионот ,,Сентенарио” во Монтевидео, Палмеирас го победи Фламенго со резултат од 2-1 после продолженија и ја одбрани титулата од минатата сезона.
Ова финале беше дуел на последните два шампиони и вкупно петнаесетто што завршило нерешено после деведесет минути игра.
Најпрво, Рафаел Веига им донесе водство на ,,Зелените” уште во петтата минута, а Габриел Барбоса (75′) израмни за Фламенго во второто полувреме.
Петтата минута од рестартот повторно беше кобна за тимот од Рио де Жанеиро, со оглед на фактот дека тогаш Палмеирас стекна ново водство, кое му ја донесе третата јужноамериканска круна.
После само четири минути поминати на теренот, резервистот од клупата, Дејверсон (95′), ја искористи конфузијата на Андреас Переира и стрелаше за победоносни 2-1.
За Дејверсон, ова беше прв гол во елитното клупско натпреварување после 962 дена, односно после 10 април 2019.
Истиот играч беше тема на потсмев во последната минута, кога во обид да одземе малку време, направи неверојатен кикс, сакајќи да изнуди фаул без да знае дека беше допрен од судијата, наместо од противнички фудбалер.