Екипата на ЛА Кингс најголемиот дел од сезоната го помина на последната позиција што сè уште е случај. Сепак, „Кралевите“ успеаја да го запишат и шестиот триумф во низа откако, на домашен терен, го совладаа фаворизираниот тим на Колорадо Аваланш кој се наоѓа на втората позиција со само два поени заостаток и натпревар помалку во однос на првопласираниот актуелен шампион Ст. Луис Блуз.
Веќе после првата третина, Кингс водеа со 2-0 преку Остин Вагнер и Мики Андерсон. За дваесетгодишниот Андерсон, ова беше прв погодок во НХЛ кој го запиша на својот петти настап. Во втората третина, Валери Ничушкин (Колорадо) промаши пенал за намалување на предноста. Во воведните минути од третиот дел, Колорадо сепак успеа да намали на 2-1 преку Пјер-Едуард Белмар и да го однесе натпреварот во неизвесна завршница. Конечниот резултат од 3-1 беше постигнат на пет и пол минути пред крајот, а голот беше дело на Алекс Ијафало.



