После петте порази во низа, Нефтехимик Нижнекамск одигра перфектен натпревар во Хелсинки, каде што го доби фаворизираниот Јокерит со 3-6.
Гостите од Русија водеа во текот на цел натпревар, односно уште од втората минута.
После првата третина, Нефтехимик водеше со 0-2, а предноста се зголеми на 1-5 заклучно со воведните пет минути од третиот период.
До крајот, Финците успеаја само да намалат на 3-5, односно да примат уште еден погодок до звукот на сирената.
Од поразениот состав, во листата на стрелците се запишаа Ханес Бјорнинен, Алекс Грант и Никлас Јенсен.
На спротивната страна, единствен со два погодоци беше Марат Хаирулин, а освен него стрелаа уште Данила Попов, Рафаел Бикмулин, Тимур Хафизов и Павел Порјадин.
За Нефтехимик, ова беше трета победа во низа над денешниот ривал и воедно втора во историјата на финско тло, односно прва после 21 јануари 2019.
Ппсле мечот, хокеарите од Нижнекамск се седми на Истокот, додека Јокерит падна на второто место на Западот.