Во првата рунда од ФА Купот се соочија актуелните петтолигаши, Торки Јунајтед и четвртолигашите Кроули Таун. Двете екипи потекнуваат од југот на Англија, но од сосема спротивен правец кога е во прашање географската должина.
Натпреварот заврши со неверојатни 5-6, после одиграните продолженија, во корист на Кроули Таун.
Имено, после првиот дел, Торки водеше со 2-0 преку Арон Неман (18′) и Бен Вајтфилд (24′), а во 83. минута, гостите намалија на 2-1, со голот од пенал на Том Николс.
Несреќниот голман на гостите, кој е дојден на позајмица од Брајтон, Том МекЏил, доживеа повреда во воведниот период на второто полувреме што доведе до судиско продолжение од осумнаесет минути. Токму тоа беше причината за постигнување на најдоцните голови во ФА Купот. Најпрво, во 90+14. минута, Кроули израмни на 2-2, благодарение на Макс Ватерс, а четири минути подоцна, Торки повторно поведе преку Џошуа Умерах. Иако се чинеше дека мечот ќе заврши со 3-2, во 90+21. минута, Џордан Таниклиф се запиша во листата на стрелците и го однесе натпреварот во продолженија.
Аса Хол беше прецизен од двата пенали во 102. и во 107. минута за ново двојно водство на Торки од 5-3, но во второто продолжение, Том Николс го комплетираше својот хет-трик со новите два погодоци за израмнување на 5-5 (108′ и 113′). Конечниот резултат го постави Ешли Нејдсан на две минути пред крајот и го заврши овој трилер со пласман на четвртолигашот во втората рунда од најстарото клупско натпреварување.



