
Откако Хал Сити и Питерборо Јунајтед изборија директна промоција во Чемпионшип, остана да се дознае само третиот патник во второлигашкото друштво преку плејофот на Лиг 1.
Денес, во финалето на ,,Вембли”, враќање во втората лига после 2014/15 избори Блекпул, кој со пресврт од 2-1 славеше над Линколн.
Блекпул беше третопласиран тим после регуларната сезона, а во полуфиналето на плејофот го елиминираше минатосезонскиот финалист, Оксфорд Јунајтед, со вкупни 6-3.
Од друга страна, Линколн го порази Сандерленд со вкупни 3-2, но беше спречен да се врати во втората лига после сезоната 1960/61.
Имено, популарните ,,Импс” го започнаа финалето на најдобриот можен начин, откако бекот на Блекпул, Оли Тартон, ја затресе својата мрежа уште во 47. секунда, постигнувајќи го најбрзиот автогол во историјата на доигрувањето на Лиг 1.
Сепак, тоа само ги мотивираше ,,Мандарините”, кои до крајот направија целосен пресврт со двата погодоци на Кенет Дугал (34′, 54′).
Со денешниот триумф, Блекпул стана најуспешниот тим кога е во прашање плејофот на англиската втора, трета и четврта лига.
За ,,Портокалевите”, ова беше осмо финале на кое ја изборија вкупно шестата промоција.



