
Екипата на Абердин се наоѓа во тежок период, откако во последните две недели доживеа елиминација од Лига купот, од Шкотскиот куп (од шестолигашот Дарвел) и притоа запиша два лигашки порази во низа со гол-разлика од 1-9.
Цената за негативната серија ја плати тренерот Џим Гудвин, кој доби отказ, а како привремено решение беше назначен Бери Робсон.
Во дваесет и петтото коло од шкотскиот Премиершип, Робсон дебитираше на домашен терен и ги предводеше популарните ,,Донс” до триумф од 3-1 над Мадервел.
Првиот гол за победничкиот состав го постигна Луис Лопес ‘Дук’ (42′), а во второто полувреме, двапати реализираше македонскиот интернационалец – Бојан Миовски (64′, 69′).
На овој начин, Миовски дојде до својот четиринаесетти лигашки погодок и изби на третото место на листата на стрелците, позади Кјого Фурухаши (18) од Селтик и Лоренс Шенкленд (17) од Хартс.
До крајот, гостите успеаја да дојдат до почесен гол, благодарение на шестиот голгетер во лигата – Кевин ван Веен (п. 75′).
На табелата, Мадервел остана на претпоследната позиција, додека Абердин го зазема седмото место.