Со гордост го претставуваме третото музичко дело од продолжението на проектот „Македонијо, во срце те носиме” – безвременската народна патриотска песна „Се собрале комитите”, овојпат во емотивна и моќна изведба на Миле Кузмановски, со музичка продукција на маестро Николче Мицевски.
Станува збор за песна што не само што се пее, туку и се чувствува. Песна која потекнува некаде од крајот на 19. или почетокот на 20. век – време на немир и надеж, кога комитите со срце и пушка ја пишуваа историјата на македонската борба за слобода. Преку стиховите на оваа песна се слуша ехото од планините, шепотот на клетвите дадени за татковината и чекорите на храбри луѓе кои се бореле за сонцето што денес гордо нè грее.
Проектот „Македонијо, во срце те носиме” продолжува да ја реализира својата мисија – да ја слави македонската музичка традиција преку современи преработки на безвремени народни бисери. По претходно објавените „Не кажувај либе добра ноќ” во изведба на Огнен Здравковски и „Како пиреј” на Ламбе Алабаковски, новата песна ни носи уште една горда нишка од нашето културно ткаење.




