
Екипата на Анадолу Ефес е новиот шампион на кошаркарската Евролига, откако во финалето славеше над Барселона со 86-81.
За турскиот состав, ова беше прва титула во историјата во најпрестижното клупско европско натпреварување.
Барселона го започна финалето на одличен начин, добивајќи ја првата четвртина со 22-15, но веќе после вториот период, Ефес водеше со 36-39.
Во третата четвртина се ,,разбудија” двете главни оружја на Ергин Атаман, Василије Мициќ и Шејн Ларкин, кои ја држеа во константност предноста на новите шампиони и покрај неизвесниот финиш.
Токму Србинот и натурализираниот Турчин беа најефикасни од редовите на Ефес со 25, односно со 21 поен.
Одличната партија му го донесе на Мициќ и признанието за најкорисен играч на мечот, откако претходно беше назначен и за МВП на сезоната.
Кај Барселона, со 23 кошеви, поентерски најмногу се истакна Кори Хигинс, а дабл-дабл забележа Брендон Дејвис (17 поени и 11 скокови).
Во битката за третото место, Емпорио Армани од Милано славеше над ЦСКА Москва со 83-73.



