Во овогодинешното финале на НРЛ, најквалитетната лига за рагби лиг во светот, силите ги одмерија првопласираните и второпласираните по регуларната сезона, односно Пенрит Пантерс и Мелбурн Сторм.
За Мелбурн, ова беше осмо регуларно финале (останатите две им се укинати поради проблеми со селари кеп) во последните дваесет и три години, односно од 1997 – годината на нивното основање, додека Пенрит го запиша својот четврти настап во последниот меч од сезоната.
На патот до финалето, Мелбурн беше подобар од Парамата Илс (36-24) и од Канбера Рејдерс (30-10), додека Пенрит ги надигра Сиднеј Рустерс (29-28) и Саут Сиднеј Рабитохс (20-16).
Накрај, до победата, а и до четвртата титула во историјата, дојде тимот на Мелбурн Сторм, кој славеше со 20-26.
Уште во четвртата минута, Сторм поведоа со 0-6, откако Тајрон Меј (Пенрит) блокираше со нога во својата енд-зона, по што беше досуден казнет есеј, a Кем Смит успешно ја погоди конверзијата. Ова беше прв казнет есеј во едно финале на НРЛ уште од 2013, кога истиот беше досуден во корист на Менли Си Иглс против Сиднеј Рустерс. Дваесетина минути подоцна, капитенот на Сторм, кој го игра своето осмо финале, додаде уште четири поени од два пенали и ја зголеми предноста на својот тим на 0-10 и покрај целосната иницијатива на Пенрит.
Во триесеттата минута, Вунивалу успеа да украде противнички пас на дваесет метри од својата енд-зона и да истрча до другиот крај на теренот. Фиџиецот го круниса својот четврти финален настап со есеј за водство од 0-16 на Мелбурн, по конверзијата на Смит.
До крајот на полувремето, Камерон Смит постигна уште еден есеј, кој сам го конвертира за конечни 0-22 по четириесет минути игра.
Во воведните минути на второто полувреме, во листата на поентерите се запиша и Рајан Папенхајзен, кој отспринта до противничката енд-зона со брзина од 35 км/ч за водство на Мелбурн од 0-26.
Пенрит ги запиша првите поени дури во педесет и третата минута со есејот на Брајан То’о. Истиот беше успешно конвертиран, со малку среќа, од страна на Нејтан Клери, кој го одигра својот јубилеен стоти меч во НРЛ.
Во шеесет и деветтата минута, својот седумнаесетти есеј во тековната сезона го постигна најмладиот играч во финалето – дваесетгодишниот Стивен Крајхтон. Веднаш потоа, Клери повторно успешно ја изведе конверзијата и го доближи Пенрит до 12-26.
Само три минути подоцна, ,,Пантерите” го запишаа и третиот последователен есеј што беше дело на Џош Мансур, но Клери овој пат не беше прецизен од шутот за дополнителни два поени, така што резултатот гласеше 16-26. Имено, ова полагање дојде при ситуација кога Сторм беа со играч помалку во период од десет минути, откако Џаром Хјуз доби жолт картон.
Во последната минута, уште еден играч на Сторм доби жолт картон – Брендон Смит. Пантерс ја искористија и оваа ситуација за да постигнат есеј преку Клери за конечни 20-26.
Накрај, Мелбурн Сторм станаа новите шампиони на НРЛ, прекинувајќи ја двегодишната доминација на Сиднеј Рустерс. За Сторм, ова е прва титула после 2017, додека Пенрит Пантерс го запишаа првото изгубено финале после 1990.
Статистички гледано, Пантерс беа подобри од Сторм по бројот на трчања (194-161) и по бројот на освоени метри со топка (1531-1401).



