На деветтото натпреварување од Светскиот куп во нордиска комбинација, одржано во Вал ди Фиеме, Италија, недостасуваа единствените двајца победници од првиот дел на сезоната – Јарл Магнус Риибер и Теренс Вебер.
Нивното отсуство, заедно со отсуството на најдобриот тркач, Илка Херола, најдобро го искористи светскиот шампион – Јоханес Лампартер.
Лампартер (25:49,8) беше првопласиран и после првата серија, а со одлично скијање на десеткилометарската траса, дојде до првата победа во кариерата во Светскиот куп.
Зад него, подиумот го комплетираше германското дуо, составено од искусните Винценц Гајгер (+16,5) и Ерик Френцел (+16,7), кои се пресметаа во фотофиниш.
На наредните три позиции се пласираа Јорген Граабак (+30,2), Јоханес Ридзек (+30,7) и Марио Зајдл (+30,7), пристигнувајќи на целта во интервал од само половина секунда.