Фаворизираната Болоња, предводена од тренерската палка на Синиша Михајловиќ, го заврши своето учество во Копа Италија уште во првата рунда.
Имено, на стадионот ,,Ренато Дал’Ара”, второлигашот Тернана го изненади прволигашкиот домаќин и триумфираше со неверојатни 4-5.
Гостите од Терни го отворија мечот на одличен начин, поведувајќи со 0-2, а стрелци беа двајцата дебитанти Давиде Агаци (6′) и Алфредо Донарума (21′).
Донарума имаше колосална шанса да ја зголеми предноста на својот тим, но ја погоди стативата од пенал во десеттата минута.
Во завршницата на првото полувреме, Николас Домингез (38′) намали на 1-2, а експресно возврати Диего Пералта (40′), кој ја врати предноста од два гола на Тернана.
Во воведните девет минути од вториот дел, гостите постигнаа нови два погодоци преку Цезар Фалети (50′ од пенал) и преку гореспоменатиот Пералта (54′) и поведоа со навидум убедливи 1-5.
Сепак, Болоња успеа да се врати во мечот со головите на Марко Арнаутовиќ (56′), на Роберто Соријано (58′) и на Рикардо Орсолини (76′ од пенал), но дефанзивците на Тернана не дозволија ,,кам-бек”.
Во 1/16-финалето, популарните ,,Црвено-зелени” ќе се соочат со Венеција, која го совлада Фросиноне после пенали.