
Во втората квалификациска рунда од Ол-Ајрленд Сениор Харлинг Чемпионшип, екипите на Корк и на Клер пружија вистински спектакл.
Имено, Корк во возбудлив финиш славеше со (3-19) 28-26 (1-23) и избори пласман во четврт-финалето на елитното ирско натпреварување.
Натпреварот беше релативно изедначен речиси во целиот свој тек, но со блага константна предност на Корк.
Херој за победата на ,,Црвените” беше голманот Патрик Колинс, кој одбрани ,,зицер” во последните секунди од мечот.
Освен него, заслужни за триумфот беа најдобриот поентер Патрик Хорган (0-10), како и голгетерите Шејн Кингстон (1-1), Шејн Берет (1-1) и Џек О’Конор (1-0).
На спротивната страна, одговорен за петнаесет поени беше Тони Кели (1-12).
Кели е засега водечкиот поентер во Ол-Ајрленд Сениор Харлинг Чемпионшип со учинок од (3-41), но неговата играчка сезона е веќе завршена поради доживеаната елиминација.