Тимот на Трактор од Чељабинск имаше одлична серија од пет победи на шест натпревари во текот на месец ноември што го однесе и до самиот врв на Источната конференција во одреден момент. Сепак, играта на „Мечките“ падна во секој поглед и моментално е далеку од посакуваната, со четири порази на последните пет средби. Имено, Трактор денес беше поразен на домашен терен од Јокерит со убедливи 2-5.
Финските претставници пружија поквалитетна игра и околу средината на третата третина водеа со резултат од 0-4. Стрелци на головите за „Џокерите“ дотогаш беа Давид Скленичка, Брајан О’Нил, Џордан Шредер и Вели-Мати Савинаинен. Домаќините од Чељабинск, на осум минути пред крајот успеаја да ја преполоват предноста на гостите со двата брзи погодоци на Јарослав Косов и на Сергеј Калинин, одделени само дваесет секунди. Сепак, накрај, на празна мрежа, напаѓачот на Јокерит, Анти Пилстром, со првиот гол сезонава го постави конечниот резултат.
Со овој пораз, Трактор останува на четвртото место, кое сè уште му е загрозено и има осум поени заостаток во однос на првопласираниот АК Барс Казањ. Од друга страна, Јокерит е седми на Западот, но поради заразените играчи со КОВИД-19 на почетокот на сезоната, има пет до седум натпревари помалку во однос на сите конкуренти.



