Индија и Австралија одиграа три интернационални еднодневни крикет натпревари во меѓусебната серија.
Првите два ги добија претставниците на најмалиот континент, но денес, Индијците ја одбранија својата чест, избегнувајќи ,,чистка” од вкупни 3-0.
Имено, азиските крикетари триумфираа на третата средба со резултат од 289/10 (49.3) – 302/5 (50).
Индиските фрлачи, особено Шардул Такур (3-51), беа одлични, оставајќи пет противнички крикетари на едноцифрен учинок. Сепак, двајца од домашните удирачи се истакнаа со над педесет поени: Арон Финч (75) и Глен Максвел (59).
Од друга страна, Индија имаше тројца такви играчи: Вират Коли (63), Равиндра Џадеџа (66) и Хардик Пандја (92).
Од австралиските фрлачи, само Ештон Агар имаше два викети, со дозволени 44 примени поени.
За само два дена, двете репрезентации ќе започнат нова меѓусебна серија, но овој пат во Т20 форматот.



