Во текот на изминатиот викенд, возачите од Формула 1 се натпреваруваа на 73. различна патека во историјата – ,,Аутодромо Интернасионал до Алгарве” во близина на градот Портимао, во западна Португалија.
Имено, трката за големата награда на Португалија се врати во календарот за првпат после 1996, кога триумфираше Жак Вилнев.
Од пол-позицијата, по 97. пат во кариерата, стартуваше Луис Хамилтон, кој ја запиша својата 92. победа во Ф1. Со овој број на победи, Британецот го претекна Михаел Шумахер, кој беше апсолутен рекордер цели 354 трки.
На трката, во првиот круг, Карлос Саинц беше најдобар и изби, од седмата, до првата позиција. Сепак, Шпанецот не беше најпрофитабилен, бидејќи Кими Раиконен, во првите два круга, напредна десет позиции, односно од шеснаесеттата до шестата.
Водството на Саинц траеше само неколку кругови, поради проблеми со гумите.
Оттогаш, па сè до дваесеттиот круг, водечки беше Ботас, но потоа Хамилтон се врати на позицијата од којашто стартуваше и на истата ја заврши трката.
Подиумот го комплетираа Валтери Ботас и Макс Ферстапен, а поени освоија уште: Леклер, Гасли, Саинц, Перез, Окон, Рикијардо и Фетел.



