Евертон и ВБА го отворија второто премиерлигашко коло со меѓусебниот дуел на ,,Гудисон Парк”, кој заврши со 5-2 во полза на Евертон.
Во возбудливото прво полувреме паднаа три погодоци. Имено, ВБА поведе со одличниот соло-гол на Фреди Дијангана во десеттата минута.
Дваесет минути подоцна, Доминик Калверт-Луин го постигна својот втор гол сезонава и израмни на 1-1.
Во четириесет и петтата минута, пресвртот на Евертон го комплетираше Хамес Родригез со својот дебитантски погодок во Премиер лигата, а воедно и во синиот дрес.
Колумбиецот, само две мимути подоцна, изнуди црвен картон од Киран Гибс, после којшто ВБА остана со десет играчи на теренот. Тензијата продолжи и по судискиот свиреж, а црвен картон доби и тренерот на гостинскиот состав – Славен Билиќ.
Иако со играч помалку, момците од ,,Хоторнс” успеаја да израмнат во воведните минути на вториот дел, преку ремек-делото од слободен удар на Матеуш Переира.
Од педесет и четвртата, до шеесет и шестата минута, Евертон постигна три погодоци, од кои, два беа дело на Калверт-Луин, за комплетирање на хет-трикот и еден на дефанзивецот Мајкл Кин.



