
Откако беа релегирани од Лиг 2 во 2016/17, фудбалерите на Хартлпул Јунајтед го вратија својот клуб во четвртата лига.
Имено, денес, на ,,Ештон Гејт”, во финалето на плејофот на Националната Лига, популарните ,,Манки Хенгерс” славеа после пенали над Торки Јунајтед.
Торки ја помина цела сезона осамен на врвот на табелата, но киксевите во април го спуштија во плејоф-зоната.
Од друга страна, новите четвртолигаши имаа благи осцилации, но постојано се наоѓаа на водечките позиции.
Денешен стрелец на Хартлпул беше нивниот втор најдобар голгетер, Лук Армстронг (35′), кој го заби својот петнаесетти овосезонски погодок.
Армстронг, заедно со Рајс Оутс, го сочинуваа најубиственото петтолигашко дуо со вкупно 33 голови.
Сепак, на спротивната страна, во 90+5′ израмни голманот на Торки, Лукас Коволан, кој со глава го совлада неговиот колега Бредли Џејмс и избори продолженија.
Во продолженијата не падна ниту еден погодок, така што целата драма се префрли на пеналите.
Таму, првпат се затресе мрежата дури на петтиот обид, кога Марк Шелтон погоди за Хартлпул.
Лукас Коволан успеа да ја зачува својата мрежа во првите два наврати, кога шутираа Ники Федерстоун и Лук Армстронг, но неговиот тим накрај остана со ,,празни раце”.
Освен двата промашени единаесетерци на Били Вотерс и на Бени Рајт, трагичар за Торки беше и Мет Бјус, кој не успеа да реализира од четиринаесеттиот обид на својот тим.



