
ЛА Клиперс синоќа загубија со 104-110 од Денвер Нагетс и така го запишаа третиот пораз во низа, односно вториот во 2021 од истиот противник.
Тоа резултираше со пад на претставниците на Лос Анџелес (43-22) на четвртото место на Западот, додека Денвер (43-21), со девет победи на последните десет пресметки, изби на третата позиција.
Неизвесноста преовладуваше во текот на цел натпревар, иако Нагетс имаа резултатска позитива во поголемиот дел од втората, од третата и од четвртата четвртина.
Најефикасен кошаркар на паркетот беше Никола Јокиќ со дабл-дабл од 30 поени и од 14 скокови, а од неговите соиграчи, со 25 кошеви, се истакна и Мајкл Портер Џуниор.
Кај Клиперс, Пол Џорџ и Ражон Рондо беа најпрецизни со 20, односно со 18 поени, а на враќањето после повредата, Каваи Ленард запиша 16 кошеви, 5 скокови и 6 асистенции.



