Откако го освоија првото место во регуларната сезона за првпат после 1964 година, Мелбурн Демонс изборија и прво финале на АФЛ после 2000 година.
Имено, ,,Демоните”, во овосезонското полуфинале ги декласираа Џилонг Кетс со резултат од (19.11) 125-42 (6.6).
За Мелбурн, сè почна совршено уште во првата четвртина, која заврши со 33-6 во негова корист.
Во вториот квартал, Џилонг покажа компетитивност (27-25), но во првиот дел од второто полувреме го доби крајниот ,,удар” со серијата на Мелбурн од 50-1.
Кај номиналните гости, единствен двоен стрелец беше Џереми Камерон (2.0), а по него следуваа Том Хокинс (1.2), Грајан Мирс (1.0), Рајс Стенли (1.0) и Ајзак Смит (1.0).
На спротивната страна, маестрална партија одиграа Макс Гоун (5.0) и Кајзеа Пикет (3.0), а по два голови постигнаа уште Бен Браун (2.2), Бејли Фритч (2.1) и Чарли Спарго (2.0).
Во големото финале, Мелбурн ќе ги одмери силите со победникот од дуелот помеѓу Порт Аделаид Пауер и Вестерн Булдогс.