
Асот на Динамо Москва, Вадим Шипачјов, влезе во новата сезона со учествување во најмалку еден поен погодок на дванаесет средби по ред.
Сепак, Русинот не успеа да го израмни рекордот на својот сонародник Александер Радулов (13), бидејќи Динамо денес беше запрен од ЦСКА Москва.
Имено, во дербито на главниот град на најголемата држава по површина во светот, ЦСКА славеше над ,,Сините” со резултат од 0-3.
Стрелци за армискиот тим беа Максим Соркин во втората, односно Павел Карнаухов и Џон Гилмур во третата третина.
На голот на победничкиот состав стоеше Иван Федотов, кој освен една асистенција, го запиша и првиот шут-аут во сезоната со 29/29 одбранети шутеви.
За Динамо, ова беше втор пораз во низа, односно трет во 2021/22, кој и понатаму го остави тимот од ,,ВТБ Арена” на второто место во Западната конференција.
Од друга страна, ЦСКА ја зазема четвртата позиција во истата група и има само два поени заостаток во однос на денешниот ривал.



