
После двете загубени финалиња во 2011/12 и во 2018/19, Авангард Омск дојде до првиот Гагарин Трофеј во својата историја.
Имено, ,,Јастребите” од Источната конференција, во овосезонската финална серија на КХЛ, славеа со вкупни 4-2 над ЦСКА Москва.
Последниот меч беше одигран денес, а на него, Авангард триумфираше со 1-0.
Стрелец на единствениот погодок беше Сергеј Толчински во последната минута од првата третина, кој дојде до шестиот гол во овогодинешниот плејоф.
Освен Толчински, херој на новите шампиони беше и голманот Симон Хрубец, кој не прими погодок на последните две пресметки.
Претставниците на главниот град на Русија имаа шанса да ги вратат надежите за одбрана на титулата, но сепак не искористија два играчи повеќе во завршницата на третата третина.
Со дванаесет погодоци, најдобар стрелец во плејофот беше Максим Шалунов (ЦСКА), а за најдобар играч во доигрувањето беше прогласен денешниот решавач – Толчински.
Патем, Авангард го доби првиот финален меч со 1-4, а потоа ЦСКА направи пресврт, триумфирајќи со 3-0 и со 1-2.
Сепак, хокеарите од Омск се консолидираа и ги добија наредните три пресметки со 4-3 (после продолжение), со 0-2 и со 1-0.
Според програмата, овие две екипи ќе ја отворат сезоната 2021/22 на 1 септември со нов меѓусебен натпревар.
📸 Twitter: ХК Авангард



