Првата интернационална тест серија во крикет ја започнаа Англија и Запдните Инди. Во првиот тест натпревар, Западните Инди ги изненадија Англичаните откако славеа со 204&313 – 318&200/6 (517-518), но на вториот дуел, „белите“ успеаја да ја одбранат својата чест.
Иако од англискиот состав беше изоставен фрлачот Џофра Арчер поради прекршување на правилата за изолација, сепак неговата улога ја преземаа Крис Воукс и Стјуард Броуд, кои земаа вкупно пет односно шест викети со најдобар резултат по ининг од 3-42.
Најдобрите удирачки перформанси за Англија, а воедно и на цел натпревар, ги имаше Бен Стоукс кој во првиот ининг постигна неверојатни 176 поени, а во вториот додаде уште 78 пред да биде назначен крајот. Освен Стоукс, во првиот ининг одлично се покажа и Дом Сибли (120 поени), кој беше несреќно елиминиран на претходниот тест без ниту еден постигнат поен.
Од фрлачите на Западните Инди, најрасположен беше Ростон Чејс со учинок од 5-172 во првиот ининг, додека најрасположен удирач беше Крег Бретвејт со 75 поени.
За земањето на последниот викет за завршување на натпреварот, при фрлањето на Доминик Бес и удирањето на Кемар Роуч, најзаслужен беше Оли Поуп со невероатното фаќање.
Конечниот резултат на натпреварот по ининзи изнесуваше 469/9o&129/3о – 287&198 односно 598-485 во корист на Англија. Серијата моментално е израмнета на 1-1, а третиот тест натпревар ќе биде одигран наредниот викенд на „Олд Трафорд Крикет Граунд“ во Манчестер.