Фриментл Докерс и Ст. Килда Сеинтс се соочија во рамките на шестото коло од тековната АФЛ сезона. Поради ситуацијата со пандемијата, екипите ги играат своите натпревари на различни стадиони, а денешното коло е прво после педесетина години во коешто ниеден номинално домашен тим нема да го игра својот меч на домашниот стадион. Токму таков е и случајот со денешниот дуел што беше одигран на „Метрикон Стадиум“ во Карара, Голд Коуст, Квинсленд, имајќи во предвид дека двете екипи потекнуваат од Фриментл односно од Мелбурн.
Фриментл успеа да стигне до втората победа сезонава, воедно и втората во низа, победувајќи ги „Светците“ со (12.7) 79-73 (11.7). Момците предводени од капитенот Ник Фајф успеаја да слават правејќи огромен пресврт односно надоместувајќи го дефицитот од триесет и шест поени по првата четвртина што ја изгубија со убедливи (1.2) 8-44 (7.2).
Најефикасен играч на натпреварот беше Тим Мембри (Ст. Килда) со деветнаесет постигнати поени (3.1), додека од победничкиот состав, најмногу се истакна Лечи Шултц со учинок од (2.3) – петнаесет поени.
Со оваа победа, Докерс се искачија на тринаесеттото место, додека Ст. Килда остана на седмото. Двете екипи имаат натпревар повеќе во однос на најблиските конкуренти.