
Автор: Весна Кираџиева
Преземено од: endurancemkd.wordpress.com
Помина подолго време откога не сме се собрале за да трчаме трки низ улиците, онака, во наш стил, масовно. Пандемијата го успори и одложи секој аспект на општествената социјализација, па така и во нашиот спорт – атлетиката. Уличните трки кои беа она најмасовното кое впрочем и го одржува духот на атлетиката во живот кога таа е сѐ уште на маргините – иако кралица на спортовите, беа сведени на просто преживување, колку да се одржи традицијата, со драстично намалени бројки на учесници. И еве нѐ, изгледите се дека конечно ќе можеме да се враќаме на патеката. Можеби сѐ уште со помал и ограничен број учесници, но доколку сѐ оди според посакуваното, ќе имаме богата тркачка сезона.
Струга е првата дестинација на нашиот календар. Таа за прв пат е домаќин на една улична трка, или трка на пат. Доколку добро се сеќавам и не сум пропуштила нешто, последен пат на трка во Струга бевме далечната 2003 година, на маратонската трка која се трчаше на релација Струга-Охрид-Струга. И тоа беше последен обид од Струга да се направи нова тркачка дестинација. Тука сме, години подоцна, со некои нови ентузијасти, да се обидеме да го раздвижиме овој, навидум, подзаборавен македонски бисер. Струга –градот на поезијата, градот на две води: Охридско езеро и реката Црн Дрим.
“Трка на поезијата“ е насловот на трката преку која градот Струга ќе ни ги отвори вратите на своите улици на 23. мај 2021г. – ден недела. А да е симболиката уште поголема, се погодува непосредно пред големиот македонски празник, чествувањето на ликот и делото на големите словенски просветители, македонските, солунски браќа Св. Кирил и Методиј. Токму за оваа трка, имав чест и прилика да поразговарам со главниот организатор и иницијатор, Марјан Туртутов.
Марјан, иако по професија професионален војник, вели дека во трчањето е заљубен откога знае, бидејќи рекреативно трча повеќе од четиринаесет години, а секако, како и повеќето деца кај нас, почнал да се занимава со спорт преку фудбалот. “Тренирам како рекреативец кој едноставно знае да се заборави некогаш и да направи некои 400 до 500 километри месечно,“ ми кажа тој додека разговаравме. За оние кои не се разбираат од тренинг-километража, јас како професионална атлетичарка која во просек ја трчаа истата, можам да ви потврдам дека ова воопшто не е наивно, ниту за потценување.
Марјан доаѓа од Гевгелија, па многу ме интересираше од каде идејата за трка во Струга и зошто баш Струга?
“Во Струга се доселив во 2009 година, сопругата ми е од Струга и поради работата се одлучивме да живееме во Струга. Инаку по потекло сум од село Негорци, Гевгелија, кое што место е познато по Негорски Бањи, но Струга некако ме плени со нејзината убавина, мирниот живот во градот на две води покрај Црн Дрим и Охридско езеро, гостопримливоста на народот, спортскиот дух кој што го поседуваат Стружани во секоја сфера од спортот, прекрасните знаменитости што ги има и богатата историја со доста културни збиднувања баш за нас како народ.“
Насловот најавува нешто малку поинакво од другите трки – “Трка на поезјата“, па ме интересираше, верувам како и сите останати, што може да очекуваме, на што Марјан ми одговори:
“Учесниците на трката може да очекуваат максимално лесна трка за трчање бидејќи патеката по која што се трча е рамна и нема никакви искачувања на истата, се трча претежно покрај езерото и реката Црн Дрим и мал дел во срцето на градот покрај општината,“ рече тој. “Насловот на трката доаѓа од тоа што Струга е позната и како град на Поезијата, така да ние одлучивме дека ова име е идеално за таков настан во таков град и затоа решивме да ги натераме сите учесници заедно со нас да го вкусат амбиентот кој што го нуди Струга и едноставно ‘Трчаме и рецитираме’ по улиците во градот на двете води.“
Овој атлетски настан кој што за прв пат се одржува во Струга ќе има две должини за трчање и тоа рекреативна трка на 5км која што трка е наменета за рекреативците и главна трка на 10км која што е трка од натпреварувачки карактер и е наменета за професионалците. “Во склоп на целата манифестација во соработка со Европската Унија одлучивме да објавиме конкурс за поезија во рамки на нашата спортската манифестација на тема “Трчам, значи постојам“. На конкурсот можат да учествуваат автори кои ќе пратат една своја необјавена поема на е-меил адресата: konkurs@poetryrun.mk. Поезијата може да се испраќа до 15.05.2021.“, ми кажа Марјан.
Од она што досега јас можам да забележам, интересот за трката е голем. Дали имаме некои бројки и статистики до овој момент?
“Бројот на учесници е 650, интересот е доста голем, но оваа година ќе застанеме тука, со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме со Ковид-19 вирусот насекаде во светот. Планирана беше и детска трка на 1км, но истата нема да се одржи токму поради овие околности.“
Точно Марјан, сите организатори на поголеми настани, како во светот, така и кај нас се соочуваат со слични потешкотии. Како се соочувате поради ова во организацискиот дел?
“Моменталните ограничувањето во кои се наоѓаме секојдневно се најголем проблем, затоа ги повикувам сите учесници како тркачите, така и оние кои што ќе бидат вклучени во организацискиот дел на настанот да се придржуваат на препораките за заштита на самите себе и на другите околку нив,“ советува тој. “Тимот со кој што овој проект го ‘туркаме’ за подобра Струга и спортска Струга се состои од осум членови од кои што имаме членови опфатено речиси од секоја гранка во општеството кое што го опфаќа еден таков настан, како од активни спортистки, фармацевти, поранешни спортисти, професори по физичко воспитување, персонални тренери, менаџери и останато.“
Сето ова за кое разговаравме со Марјан, на мене како професионална атлетичарка со огромно искуство на големи спортски настани и како организаторка на некои, ми дава огромна верба дека во Струга нѐ очекува нешто спектакуларно. Спортскиот туризам се развива токму преку ваквите масовни трки и ме радува што имаме вакви ентузијасти кои ни помагаат да го децентрализираме и трчањето од исклучиво трки во Скопје, како главен град. “Атлетиката е кралица на спортот, затоа мораме да се фокусираме сѐ повеќе и повеќе кон нејзе, како секој би се пронашол во неа, би можел да го најде и мирот,“ ми рече тој за крај, во поетскиот стил на трката.



