Екипата на Борусија Дортмунд дојде до втората бундеслигашка победа по продолжувањето на сезоната. Имено, пред една недела, „Милионерите“ го победија најлутиот ривал Шалке со 4-0, а денес славеа и на „Фолксваген Арена“ над Волфсбург.
Поразената екипа, којашто денес прославуваше годишнина од освојувањето на својата прва бундеслигашка титула во 2008/09, загуби по петти пат во низа на домашен терен од денешниот ривал. Првпат во историјата на „зелените“, еден противник успеал да слави на нивен терен на пет последователни натпревари. Доминацијата на Дортмунд над Волфсбург е уште поистакната со фактот дека последен стрелец за Волфсбург на меѓусебните натпревари е Даниел Дидави, кој погоди во поразот на својот тим од 1-5 на 20 септември 2016!
Дортмунд, денес беше поуспешен со 0-2, а стрелци на головите беа Рафаел Гереро (32′), кој го постигна третиот гол на последните два натпревари и Ахраф Хакими (78′).
Волфсбург остана со играч помалку откако Феликс Клаус доби контроверзен директен црвен картон во 82. минута.
Со оваа победа, Дортмунд останува на второто место со бод помалку и натпревар повеќе во однос на првопласираниот Баерн, додека Волфсбург ја зазема шестата позиција.
Останатите натпревари од 27. коло:
Херта Берлин 4-0 Унион Берлин
Фрајбург 0-1 Вердер Бремен
Падерборн 1-1 Хофенхајм
Борусија Менхенгладбах 1-3 Баер Леверкузен
Баерн Минхен – Франкфурт (денес во 18:30)
Шалке – Аугсбург (недела во 13:30)
Маинц – Лајпциг (недела во 15:30)
Келн – Дизелдорф (недела во 18:00)