Ако размислите подетално, зошто понекогаш не ни испаѓаат работите и целите што сме си ги поставиле, како што сакаме, ќе видите дека во голем број на случаеви како главни виновници се појавуваат „компромисите” што ги правиме.
Највеќе тоа се одразува кога поставуваме или кога ќе развиваме некоја стратегија, или концепт за некој бизнис, или кој било друг проект/активност. Доколку ја ангажирате и најјаката консултантска компанија, за развој на бизнис стратегии, која ќе ви направи најдобра стратегија, не значи дека сигурно ќе биде успешна. Успешноста на бизнисот ќе зависи најмногу од конзистентноста и истрајноста во имплементација на тој бизнис/проект. Јас многу често знам да кажам дека развој на бизнис ви е како да сте се качиле на автобус на една станица, а треба да се симнете на 10-тата. станица. Ваша задача е да истраете во процесот (патешествието). На секоја станица ќе има по некој предизвик, бариера, некое искушение кое ќе ве примами и одвлекува од зацртаната цел. Дали ќе бидат тоа пари, имиџ, конкуренција, тим, купувачи итн., секогаш ќе се најде некој и нешто да ни застане на патот и да ни ја промени стратегијата.
Во секој случај, јас не велам дека не треба да ја менувате стратегијата и да се адаптирате на можностите и условите на пазарот. Но, тоа е 50 % од успешноста и неуспешноста на еден проект. Другите 50 % се однесуваат на отстапувањата и компромисите што ги правиме, и не конзистентноста што ја имаме во процесот на имплементација. Сме тргнале по еден пат, но потоа сме го смениле курсот поради тоа што патот по кој сте оделе бил тежок, или на краток рок ќе донел повеќе пари или сме требале да жртвуваме малку од нашето време, енергија и слично.
Кога мислам на концептот „без компромиси”, со цел поблиску да ви го доближам, ќе ви раскажам еден пример од една локална селска кафеана. И со задоволство ќе ја искористам можноста да го испромовирам овој локал. Се работи за рибен ресторан „МОСТ” од Истибања (близу Виница). Мислам дека овој ресторан е неофицијално првиот (ако знаете и за некој друг слободно препорачајте) кој може да се нарече „Традиционален БИО ресторан”.
– Сите производи се од нивната градина: кога ќе снема некој производ, не се докупува од локалната продавница, туку на гостите им се кажува дека нема повеќе од тој производ.
– Сезонска понуда: се служи само тоа што е актуелно за таа сезона.
– Вино / ракија: од домашно производство. Присуствував на процесот на правење на ракијата и сопственикот ми објасни, и покрај тоа што се губи на количина (значи на профитот), ракијата е 3 пати процесирана со цел да биде со најдобар квалитет.
– Риба: рибата се купува од локалните рибари кои ловат од природни води. Не се користат вештачко растени риби од рибник. Набавната цена е секако повисока од регуларната.
– Леб: сами го прават и лебот. И покрај тоа што не им се исплати ни во време ни во пари, тоа е нивниот препознатлив бренд/обележје и не планираат да се откажат.
– Цени: исто така, иако цените се поексклузивни (за тој реон во однос на другите ресторани) и сопственикот работи со помал број на гости, не планира да го промени ниту квалитетот на понудата ниту начинот на работа.
Сигурно, повеќето од луѓето (газдите) ќе гледаа како да се адаптираат на пазарот, да го намалат квалитетот и цените, со цел да привлечат повеќе гости и да заработат повеќе. И тоа е добро, но затоа за тие „претприемачи” нема да се пишува и да се зборува, туку само за оние кои веруваат се истрајни и уникатни во својот концепт на работење.
Следниот пат кога ќе сакате да направите некој компромис, размислете дали вреди толку, во однос на парите што ќе се заштедат или, пак, ќе се заработат, а во однос на тоа колку ќе се оддалечите од вашата визија и вредностите што сакате да ги промовирате.
Со успех во промените,
Петар Лазаров
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг