Во последно време, не ретко ми се случува да останам без зборови. Во буквална смисла на зборот, не дека сум без зборови, туку едноставно, во тој момент се случуваат работи кои ме оставаат без зборови.
Доста размислував за тоа, зошто понекогаш остануваме без зборови и најдов неколку причини, кои се од различна природа.
Јас ќе пробам да направам анализа за тоа зошто остануваме без збор, едноставно да не знаеш што да кажеш, а да не повредиш некого, но при тоа и да дадам решение за секој од нив. Решенијата се мои лични видувања на работите и можете да ги примените или не, но исто така, ќе ми биде мило, ако споделите и некое различно размислување од наведените:
– Незнаење – едноставно, од некои луѓе не очекувате дека нешто ќе ви кажат или народски кажано, да лупнат/треснат и едноставно останувате без зборови. Не знаете што да кажете и се вртите во круг. На ова најдобро решение да поставите прашање, дали навистина го мислеле тоа што го кажале, да поразговарате околу ова и да видите дали нешто не е во ред, не се разбирате или едноставно, човек не знае и треба да му се објасни.
– Недолична комуникација – ваков стил на комуникација, нè остава да останеме без зборови, особено ако е од некој од кого не сте го очекувале тоа. Решение на ова е да прекинете да разговарате, но сепак, да кажете дека разговорот е недоличен и едноставно нема потреба да се продолжи понатаму со разговор. Причините за таквата недолична комуникација може да се од различна природа и можеби е најдобро да ја најдете причината (ако сакате да продолжите да разговарате понатаму) и да пробате да ја отстраните, нормално ако и другата страна го сака тоа.
– Разбирање – ако тргнеме од тоа дека луѓето не се разбираат меѓу себе, во поголемиот број на случаи, нормално е и да останеме без збор во некои ситуации. Поради тоа сум се нашол во ситуација да останам без збор на ваков муабет. Решението што сум го сфатил дека секогаш функционира е да ја прашам другата страна, дали ме разбрала што сум сакал да кажам или не, и ако не, кој дел не го разбрал. Секако, укажувам и дека можеби и јас не сум разбрал нешто или, пак, сакам да посочам дека една работа има и друга страна на гледање на работите, па дека би требало да се гледаат работите од две перспективи, ако е потребно тоа.
– Очекување – јас, речиси секогаш имам(в) некакви очекувања. Секогаш кога тие очекувања нема да ми се исполнат или барем 50 % од нив, тоа ме остава без зборови. Едноставно, не знам што да кажам. Се наоѓам затекнат од ситуацијата. Некои од решенијата кои сум ги применил се:
o Немам веќе очекувања, особено не кога сум во некоја нова средина
o И да не се исполнат моите очекувања, застанувам малку, бројам до 10 и почнувам како да е нормална ситуација. Да, знам дека се залажувам понекогаш, ама тоа е J
Ете има многу ситуации кои може да ве остават без зборови, но секоја од нив ќе мора да ја решавате на свој или мој начин. Суштината на сè е дека не треба да бидете изненадени од луѓето, а со самото тоа и нема да останете без зборови, во буквална или фигуративна смисла.
Со успех во промените,
@kalinbabusku
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг



