Еурофарм Пелистер продолжува со практиката да промовира млади таленти од својата развојна екипа, а најново засилување за шампионскиот тим е 21-годишниот Мирче Калајџиевски.
Калајџиевски, кој беше клучен играч во Еурофарм Пелистер 2 – тим што сезоната ја заврши без пораз и избори пласман во Суперлига – ќе му се приклучи на првиот тим од крајот на јуни, кога почнуваат подготовките за новата сезона.
Роден е во Струга, висок е 180 сантиметри, тежок 80 килограми, а во Битола дојде од словенечкиот Слован Гросист. Со својот интелигентен стил на игра и лидерски квалитети, Калајџиевски ќе биде значајно освежување за стручниот штаб на Еурофарм Пелистер во сезоната 2025/26.




