Спортисти во скијачки спортови и сноубординг со врвни меѓународни резултати се оштетени со распределба на ваучери по сомнителна листа на привременото раководство на Скијачката федерација на Македонија (СФМ), се наведува во реакцијата на дел од клубовите за скијање и сноубординг кои се дел од федерацијата, во врска со листата за доделување ваучери за која според нив постои сомневање дека е променета, за што е поднесен и приговор.
Комисијата за доделување на ваучери при СФМ изврши распределба согласно критериумите на Агенцијата за млади и спорт и оваа листа e јавно и транспарентно објавена на интернет страницата на СФМ. Разликите меѓу листата на СФМ и листата со резултати од распределбата на ваучерите од Агенцијата за млади и спорт упатувааат на сомнение дека листата доставена до Агенцијата за млади и спорт е променета од страна на СФМ, која во моментов е водена од нејзиниот потпретседател-потписник Васил Сокле.
Со ваквата распределба на ваучерите вистинските спортисти се оштетени, а ваучери добиваат клубови кои воопшто немаат никакви спортски активности. На листата на ваучери не се наоѓа Јана Атанасовска, една од нашите најдобри млади спортистки со врвни резултати на повеќе меѓународни натпревари. До почетокот на скијачката сезона 2020/2021 година, Атанасовска има освоено повеќе од 70 медали и пехари на различни меѓународни натпревари и ги исполнува сите критериуми да добие ваучер, но од непознати причини е тргната од листата. За да ги заштитиме младите спортисти кои работат со огромен ентузијазам и труд и заслужуваат поддршка од државата и од СФМ, веќе е поднесен приговор за ваквата распределба на ваучерите и известена е Агенцијата за млади и спорот.