Втората победа во низа на Сибир Новосибирск, остварена над ривалот за доигрување, Торпедо Нижњи Новгород, му донесе влез во плејоф-зоната како осмопласиран.
Хокеарите од Новосибирск триумфираа со 3-1 на денешната средба и го исфрлија ривалот на деветтото место.
На средина на натпреварот, домаќините веќе имаа капитална предност од 2-0, добиена со головите на Микаел Руохомаа и на Дмитри Сајустов.
Дамир Жафјаров беше единствениот стрелец на Торпедо, кој погоди за преполовување на заостатокот во завршните минути од втората третина.
На две минути до крајот, Руохомаа уште еднаш ја затресе мрежата на Алексеј Мелничук за конечни 3-1.
Одличен на ледената плоча, а воедно и еден од најзаслужните за триумфот на Сибир беше голманот Хари Сатери, кој одбрани триесет и четири противнички удари кон својот гол (97,14%).
Од гостинските хокеари, Георгиј Мишарин го забележа својот јубилеен 650. настап во КХЛ.



