После дваесет години од своето деби во Формула 1, Финецот Кими Раиконен одлучи да стави крај на својата тркачка кариера.
41-годишниот пилот досега има 344 трки во најбрзиот тркачки циклус, на кои оствари 103 подиуми, освои вкупно 1865 бодови и победи 21 пат.
Во кариерата, Раиконен може да се пофали и со една шампионска титула, освоена во 2007 година, возејќи го болидот на ,,Ферари”.
Освен за италијанскиот гигант, Финецот ги бранеше боите на ,,Заубер”, на ,,МекЛарен”, на ,,Лотус” и на ,,Алфа Ромео”.
,,Тоа е тоа. Ова ќе биде моја последна сезона во Формула 1. Оваа одлука ја донесов во текот на минатата зима. Не беше лесно, но после оваа сезона, време е за нови нешта. Иако сезоната сè уште трае, би сакал да им се заблагодарам на мојата фамилија, на мојот тим, на сите што беа дел од мојата тркачка кариера, а особено на вас, верните фанови, кои навивавте за мене цело време. Можеби ќе завршам со Формула 1, но има уште многу работи во животот што сакам да ги искусам. Ќе се видиме!” – гласеше емотивната порака на Финецот, објавена на неговиот официјален Инстаграм профил.