
После четиринаесет години во Лиг 2, екипата на Морекамб се пласираше во Лиг 1 за првпат во својата историја.
Клубот од западен Ленкашир во финалето на плејофот го совлада велшкиот претставник Њупорт Каунти со минимални 1-0 после продолжение.
Њупорт напаѓаше во текот на цел натпревар, но нивната иницијатива беше прекината во 107. минута, кога судијата Боби Медли досуди контроверзен пенал за Морекамб.
Од белата точка, прецизен беше најдобриот стрелец на новиот третолигаш, Мендес Гомес, кој дојде до својот 16. овосезонски погодок.
Инаку, Медли досега им судеше по еднаш и на двете екипи, а изненадува фактот дека и на двете средби досуди по еден пенал.
По вторпат во последните три сезони, Њупорт останува без Лиг 1 во продолженијата на финалето, откако во 2019 загуби од Транмер со голот на Конор Џенингс (119′).
Од друга страна, промоцијата на Морекамб е потполна сензација бидејќи во пресрет на сезоната, момците на Дерек Адамс го имаа еден од најниските буџети во лигата.
Дуелот помеѓу двете екипи има еден минат настан, кој датира од регуларната сезона.
Во 36. коло, Њупорт го доби денешниот ривал со 1-3, а стрелец на последниот погодок беше 42-годишниот Кевин Елисон.
Англичанецот го носеше дресот на Морекамб цели девет сезони, а поради недоразбирања со тренерот Адамс беше ,,протеран” во Њупорт.
Откако го постигна голот, популарниот Елисон истрча до клупата на Морекамб и му се израдува во ,,лице” на својот поранешен тренер.
Сепак, со денешната победа, Адамс ја докажа изреката дека ,,кој последен се смее, најслатко се смее”.
Освен популарните ,,Шримпс”, промоција во Лиг 1 изборија Челтенам, Кембриџ Јунајтед и Болтон.



