Младиот црногорски ракометар, Василије Калуѓеровиќ е нов ракометар на Металург. Калуѓеровиќ (22 години 191 см., 89 кг.) е поранешен јуниорски, а сега и сениорски репрезентативец на Црна Гора, кој е дел од плановите на црногорскиот селектор Рогановиќ за подмладување на националниот тим и кој настапи на двете средби на Црна Гора во квалификациите за Европско првенство 2022 година.
Калуѓеровиќ подеднакво добро се снаоѓа на позициите среден и лев бек и ќе биде големо засилување во продолжението на сезоната. Калуѓеровиќ имаше одлични настапи во СЕХА лигата во дресот на Извиѓач, што му стана добра препорака да се пресели во екипата на Гуиф од Шведска, која ја води селекторот на Црна Гора, Зоран Рогановиќ, а од која сега се сели во Металург. Калуѓеровиќ со Металург потпиша договор до крајот на сезоната 2021/2022 година.