Хјустон Рокетс и Вашингтон Визардс направија размена на ѕвезди со која Расел Вестбрук се сели кај ,,Волшебниците”, а нов член на ,,Ракетите” е плејмејкерот Џон Вол. Тексашаните го добија и правото на Вашингтон за еден пик од првата рунда на идниот драфт.
Вестбрук само по една сезона си оди од Хјустон, а во новата средина, во главниот град на САД, ќе има многу поголема слобода во играта отколку кај ,,Рокетс”, каде што прва виолина е Џејмс Харден. Вестбрук во минатата сезона имаше одличен просек од 27,2 поени и 7,9 скока по меч. Пред тоа 11 сезони настапуваше за Оклахома Сити Тандер.
Петкратниот ол-стар Џон Вол, кој цела кариера е во Вашингтон, нема играно веќе две години, проблемите со повредите го уништија, но Хјустон доби гаранции дека тој е здрав и подготвен за нивната авантура. Во редовите на Хјустон, Вол, кој е поранешен прв пик на драфтот, повторно ќе игра заедно со неговиот колеџ-соиграч од Кентаки, Демаркус Казнс.



