Фудбалските фанови на Апенинскиот Полуостров денес можеа да уживаат во последното 38. коло од италијанската Серија Б.
Во него се заклучија сите детали поврзани со промоцијата, со плејофот, со плејаутот и со релегацијата.
Имено, новиот шампион на втората италијанска лига е Емполи, кој денес само рутински го порази Лече со 2-1.
Враќање во елитата после повеќе од две децении избори и Салернитана, откако со головите на Андре Андерсон (п. 67′), на Тијаго Казасола (72′) и на Џенаро Тутино (81′), со 0-3 ја порази Пескара и го освои второто место на табелата.
Од друга страна, Пескара и Ентела уште од минатото коло дознаа дека ќе бидат релегирани во Серија Ц, а денес им се придружи и Реџана, која загуби со 2-1 од Виченца.
Претставниците на Реџо Емилија ќе се пласираа во плејаутот доколку славеа над Виченца, но наместо нив, таму ќе играат Козенца и Асколи.
Асколи може да го смета плејаутот како разочарување бидејќи денес загуби со 3-0 од Кјево, а поради тоа, опстанок избори Порденоне, славејќи со 2-0 токму над Козенца.
Во овосезонскиот плејоф, традиционално ќе учествуваат тимовите што ги заземаат позициите од 3 до 8, со тоа што најдобрите од нив ќе имаат директен пласман во полуфиналето.
Со оваа привилегија се здобија Монца и Лече, кои беа во борба со Салернитана за второто место.
Друштво во полуфиналната плејоф фаза на овие две екипи ќе им прават победниците од дуелите помеѓу Венеција и Кјево, односно Читадела и Бреша.