Ракометарите на РК Алкалоид со победа над ГРК Охрид (29:26) го завршија регуларниот дел од Суперлигата и со два бода ќе влезат во плејофот. Натпреварот одигран во СЦ „Автокоманда“ донесе возбудлива борба, но младата екипа на Алкалоид уште еднаш покажа квалитет и победнички менталитет.
Најефикасен во редовите на Алкалоид беше Мартин Серафимов со осум гола, додека Мартин Ивановски придодаде шест погодоци. На голот на Алкалоид одличен беше искусниот Благојче Трајковски, додека кај Охрид се истакна Орјоникидзе со девет погодоци. Со оваа победа, тимот го потврди високиот квалитет и добрата форма пред најважниот дел од сезоната.
Фокус на Европа – дуел со РК Баја Маре за полуфинале
По успешниот настап во домашното првенство, РК Алкалоид сега се насочува кон европската сцена. Во рамките на Европскиот Куп на ЕХФ, македонскиот тим на 30 март (19:00 часот) ќе се соочи со романскиот РК Баја Маре во меч што ќе решава кој ќе обезбеди место во полуфиналето.




