Првото овосезонско натпреварување во фристајл скијање, односно во дисциплината ,,слоупстајл” беше одржано денес во Штубаи, Австрија.
Во женска конкуренција, Французинката Тес Ледо (89,00) триумфираше пред Јоане Кили (81,00) и Аилин Еилеен Гу (77,00), со најдоброто издание во првата серија. Од шесте натпреварувачки, единствено Гу не го допре снегот и освои пристоен број на поени во втората серија, наспроти петте конкурентки, кои кикснаа.
Кај мажите, после првата серија на врвот беше Кристијан Нумендал со неверојатни 91,75 поени. Истиот скијач одлично ја започна и втората серија, но дојде до контакт со снегот, па учинокот од 91,75 остана официјален и накрај доволен за втората позиција.
Во втората серија брилијантен беше вториот после првата, Андри Рагетли, кој освои 94,00 поени и изби на првото место.
Фердинанд Дал беше трет после првите изведби (87,25), каде што остана до самиот крај, имајќи во предвид дека освои 83,75 поени во вториот дел.



